Македонија по седми пат дел од „Часот на планетата Земја“
Глобалната акција има за цел, проблемот со климатските промени да го стави високо на агендата на светските лидери. Ќе бидат изгаснати светилките на многу препознатливи објекти во метрополите во 170 држави во светот...

На 19-ти март, во 20:30 часот по локално време, во мрак ќе потонат над 7.000 града низ 170 држави во светот, а меѓу нив и Македонија.
„Часот на планетата Земја“ е најголема светска волонтерска акција со еколошки карактер, која има цел преку симболично исклучување на осветлувањето во период од еден час, да се испрати силна порака за спас на планетата.
Со одбројувањето до „Часот на планетата Земја“, промовирано е и глобалното видео од светската маркетинг кампања во кое се појавуваат и инсерти од Македонија. Ова е десетта акција на светско ниво, а седма по ред во Македонија.
„Оваа година, под мотото „Заблескај светлина на климатските промени“, кампањата се фокусира на сериозноста на проблемот поврзан со забрзаното менување на климата, но и ја промовира идејата дека сите ние ја имаме моќта да направиме промена, односно обединети да ги промениме климатските промени. Во наредниот период ќе најавиме голем број информации поврзани со одржувањето на акцијата во Македонија, ќе ги објавиме локациите кои ќе потонат во мрак, но исто така, ја користам оваа пригода и да го најавам големиот награден конкурс кој го подготвуваме, преку кој ќе наградиме голем број граѓани и училишта со енергетски ефикасни светилки за својот дом“, изјави Ѓорги Селков, претседател на Здружението за заштита на животната средина.
Престижниот Њујорк Тајмс во почетокот на месец март ќе објави интервју поврзано со одржувањето на оваа акција во Македонија. Освен што пренесуваме силна порака за спас на планетата, ова претставува и одлична можност за промоција на нашата земја, велат од Здружението.
Александра Перевска
