Изгаснат пожарот во зградата на ЕВН, истрагата треба да ги покаже причините
Според очевидците, искра се појавила на горниот дел од мрежата на фасадата која што е во изградба, за потоа по само пет минути да премине во силни пламени јазици кои ја голтнаа целата страна на зградата на ЕВН Македонија, наспроти Триумфалната капија. За среќа, нема жртви и повредени...

Во 9 часот и 30 минути од засега непознати причини во оган пламна здрадата на ЕВН Македонија на градскиот плоштад во Скопје. Според очевидците, искра се појавила на горниот дел од мрежата на фасадата која што е во изградба, за потоа по само пет минути да премине во силни пламени јазици кои ја голтнаа целата страна на зградата на ЕВН Македонија, наспроти Триумфалната капија. За среќа, нема жртви и повредени.
„Фасадата почна да гори, од што не можеме да кажеме сеуште. Забележавме мал пожар и тоа после се прошири“, вели еден од градежните работници.
„Ние први притрчавме, ги пуштивме мрежите и со апарати за гасење нешто спасивме. Набрзо потоа дојде пожарната“, вели очецидец.
„Се запали мал дел, најверојатно од работниците кои заваруваа. Претпоставувам дека гореше фасадата“, вели еден граѓанин.
Противпожарните екипи интервенираа со шест возила и со водени топови и за кратко успеаја да го изгаснат пожарот.
„За многу кусо време пожарот го ставивме под контрола, односно комплетно и изгаснат. Битно и основно нема повредени пожарникари, нема повредени граѓански лица кои стопанисуваат со објектот и нема проширување на пожарот во самиот објект“, изјави командантот на противпожарната единица-Скопје, Благоја Менковски.
Истрагата треба да покаже кои се причините за пожарот, а дополнително ќе се проценува и материјалната штета.
Ружица Ѓоршевска
