Австриските компании во Македонија очекуваат раст на бизнисот

16.02.2016 16:11

Борбата против корупцијата, платежниот морал и ЕУ интеграциите се трите најважни предуслови за водење успешен бизнис во земјава, сметаат австриските компании во анкетата на трговското одделение на Австриската амбасада. За годинава скоро половина од нив очекуваат раст на прометот, 40% нови вработувања, а над 30% зголемени инвестиции...

58 насто од анкетираните австриски компании во земјава очекуваат годинава сличен бизнис амбиент како и лани, 23 насто полош, 13 насто подобар, а 4% многу подобар. Кога е во прашање состојбата во секторот во кој работат, компаниите се далеку пооптимистички расположени, додека најголем е оптимизмот за економската состојба  на самата компанија.

„Најважен фактор е политичката стабилност која има влијание врз долгорочните планирања на австриските компании и генерално врз планирањето“, вели Герхард Шлатл, трговско аташе на Австриската амбасада.

Австриските компании се задоволни од квалитетот на локалните добавувачи, достапноста на човечките ресурси и квалификуваната работна рака. Од ЕВН велат дека годинава ќе инвестираат 30 милиони евра во електродистрибутивниот систем.

„Секогаш може подобро и затоа инвестираме континуирано. За 10 години вложивме  300 милиони евра во инфраструктурата. Имаме мастер план кој ќе ни покаже кога ќе бидеме задоволни. Ќе ни бидат потребни уште една милијарда евра и тогаш ќе бидеме задоволни“, изјави Стефан Петер, извршен директор на ЕВН Македонија.

Според абасадата, австриските компании не инвестираат во слободните економски зони затоа што станува збор за услужни фирми, а во зоните доминира автомобилската индустрија. Во анкетата одговориле позитивно половина од компаниите. Австрија е втор по големина инвеститор во земјава со вложени 516 милиони евра.

 

Свето Николовски