Нова стратегија на САД против насилниот екстремизам

17.02.2016 10:36

Новата стратегија на Соединетите Американски Држави за борба против насилниот екстремизам предвидува покрај воени операции и превентивно дејствување за спречување на радикализацијата. Вториот човек на американскиот Стејт Департмент ги претстави петте принципи за спречување на радикализацијата во локалните заедници, што ќе бидат достапни и на членките на коалицијата како Република Македонија.

Новата американска иницијатива за борба против насилниот екстремизам предвидува достапност до моделите за справување со радикализацијата на сите партнери од антитерористичката коалиција. Поддршка на мрежата на безбедни градови во светот што се борат против екстремизмот. Финансиска помош за државите како Косово каде невработеноста е една од причините за регрутација на странските борци. Намалување на пропагандата на терористичките организации на социјалните мрежи, при што Твитер минатата година затворил илјадници профили. Остранување на радикализацијата во затворите.

Имаме сеопфатна стратегија што вклучува обука, опремување и советување на локалните партнери. Стабилизација на ослободените области. Запирање на странските борци во и надвор од Ирак и Сирија.Запирање на финасиите и пропагандата на ИДИЛ. Хуманитарна помош и промоција на политичка соработка за да нашиот воен успех биде одржлив“, изјави Антони Блинкен- американски заменик државен секретар.

Покрај воени операции, мораме да дејствуваме превентивно, изјави пензионираниот генерал Џон Ален, поранешен Командант на ИСАФ во Авганистан.

„Денеска САД и заедницата на нации се соочуваат со најголемата закана по крајот на Студената Војна. Подемот на екстремистички организации како Ал-Каеда и ИДИЛ, директно се закануваат за стабилноста на нашите партнери, на регионот на Блискиот Исток и дури на нашата безбедност дома“, вели Џон Ален- пензиониран генерал, поранешен командант на Маринскиот кор и на коалициските сили во Авганистан.

Коалицијата против насилниот екстремизам, во последнава година успеала со воените операции и поддршка на локалните сили да врати 40 проценти од окупираната територија на Ирак и 10 отсто од Сирија од страна на Исламската држава. Активностите на коалицијата ќе продолжи и против Ал-Каеда, Боко Харам и други терористички организации во светот.

За две години од формирањето, коалицијата на држави за борба против насилниот екстремизам брои 66 земји членки.

 

Ирина Гелевска- постојан дописник од Вашингтон за МРТ