Биатлонците првпат и во мешана штафета
На Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Сочи...

На Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Сочи, првпат во еден спорт мажите и жените ќе се натпреваруваат едни со други и едни покрај други. Биатлонот добива нова олимписка дисциплина – екипната мешана штафета. Тоа е натпреварување коешто веќе некое време е дел од Светскиот Куп и од Светските првенства, но од Сочи првпат ќе биде и во програмата на Игрите.
Секоја селекција ќе биде составена од по двајца натпреварувачи во двете конкуренции. Дамите ќе трчаат по шест, а биатлонците по седум и пол километри. Во рамките на своите делници, сите ќе пукаат по двапати, од лежечка и од стоечка позиција, како и на секој натпревар во овој спорт. За секое промашување, секој ќе истрча по еден казнен круг од 150 метри.
Биатлонот е во олимписката програма од 1960 година, но на последните неколку олимпијади постојано се надградува со се попривлечни дисциплини. Таква е смислата и на новото проширување на спортот којшто се темели на човечката брзина, на прецизноста и на издржливоста.
Германците, Русите и Норвежаните се доминантни во биатлонот, па сигурно ќе бидат и главни претенденти за трофеите во новата олимписка дисциплина.
