Случај „Титаник“: Тече рокот за жалбите

17.02.2016 15:08

Тече рокот до кога Кривичниот совет на скопска единица треба да одлучи по пристигнатите жалби за случајот „Титаник“. Првиот човек на Советот на јавни обвинители вели дека има целосна доверба во судството. Според него, нема потреба од Специјален суд, бидејќи тоа било противуставно. Во меѓувреме, скопското обвинителство го одби специјалното за три предмети...

Тече рокот за одговор на Кривичниот совет по жалбите доставени од Специјалното јавно обвинителство, за одбивање на барањата за притвор за 8-мина осомничени во случајот „Титаник“. Судот одлучува законито и имaм целосна доверба во судството. Првиот човек на Советот на јавни обвинители, Петар Аневски вака ја коментира одлуката на Кривичниот суд.

„Мислам дека судот одлучува законите, не сум запознат со деталите на нивните предлози, но имам целосна доверба во судството“, вели Аневски.

Аневски е дециден дека нема потреба од Специјален суд, бидејќи тоа е противуставно.  Вчера и претседателот на скопска единица Панчевски излезе со идентичен став, потенцирајќи дека ако има за тоа политичка одлука, ингеренциите треба да бидат како на Специјалното јавно обвинителство.

„Мислам дека нема потреба, дека тоа ќе биде спротивно на Уставот на Република Македонија, на Законот за судовите итн.“, додава Аневски.

Двете обвинителки од Специјалното обвинителство на кои им беа одземени предметите и кои беа отстранети од функциите, ќе бидат вратени на позиците каде што претходно ја вршеа својата функција, потврди Аневски, додавајќи дека наскоро ќе се потполнат и празните места во Обвинителствата.

Се огласи и Скопското Јавно обвинителство. Предметите за „Маџар телеком“ и против екс- разузнавачот Верушевски и неговиот син за неовластено поседување и тргување со оружје и производство и дистрибуција на детска порнографија, не се во надлежност на Јанева.

Специјалното јавно обвинителство ги побарало, како што велат оттаму, за да провери дали имаат надлежност да постапуваат. Во писменото соопштение Скопското обвинителство посочува дека предметите не биле во согласност со законите, а Специјалното јавно обвинителство ги пречекорувало овластувањата.

 

Наташа Гркова- Петрушевска