Орав: Сѐ зависи од партиите, проценката не е подготвена
Сѐ уште не е направена проценката околу тоа дали предвремените парламентарни избори може да се одржат на 24-ти април. Во моментов сѐ зависи од политичките партии во земјата, изјави евроамбасадорот Аиво Орав. Вицепремиерот Бесими порача целосно да биде имплементиран политичкиот договор...

Датумот за одржувањето на изборите е содржан во Пржинскот договор, но, во неговото спроведување имаше многу одложувања, рече евроамбасадорот Орав. Според него во моментов проценката која ја најавија заедно со американскиот амбасадор Џес Бејли кон крајот на минатот месец, сѐ уште не е донесена.
„На 19-ти февруари, односно петок ќе ја претставиме нашата проценка. Сега во моментов ние немаме ништо, ништо сѐ уште не е подготвено. Може да се движи во кој и да е правец, сѐ е во надлежност на партиите. Затоа сакам да нагласам дека извештајот на Прибе, ургентните реформски приоритети, се многу битни, но во оваа етапа ние нема да ги вклучиме во нашата оценка, бидејќи ние сега ќе оценуваме само дали земјата е подготвена за изборите на 24-ти април“, изјави евроамбасадорот Орав.
Вицепремиерот за евроинтеграции Фатмир Бесими смета дека најзначајно е да се направи целосна имлементација на политичкиот договор за спроведување на фер и демократски избори.
„Воедно ја чекаме и оценката од Европската унија и САД согласно анализите што ги прават ОБСЕ/ ОДИХР, ИФЕС и ДИК. Но, од државен интерес е Македонија да ги направи сите потребни реформи за да оди на слободни и демократски избори за да можеме да се фокусираме на реформи и економски развој на земјата како појасна евроатланска перспектива на земјата“, смета Бесими.
Евроамбасадорот Орав потсети дека проценката ќе се однесува на прочистувањето на избирачкиот список и состојбата во медиумите.
Фиљана Кока
