Ердоган: Турција ќе го употреби своето право на одбрана
Не поминаа ниту 24 часа од експлозијата во Анкара, во која загинаа 28, а се повредени 60-тина лица, а во Стокхолм, во Шведска се случи експлозија во Турскиот културен центар. Засега никој не ја презеде одговорноста за овие терористички напади, се претпоставува дека можни виновници се Курдската работничка партија или Исламска држава...

Турскиот претседател Ердоган изјави дека Турција решително ќе одговори на вчерашниот напад со автомобил бомба врз автобуси на Армијата во центарот на Анкара, во кој загинаа најмалку 28 лица, а над 60 беа ранети. Во соопштението објавено од прес службата на претседателот се наведува дека Турција во ниту еден момент нема да се двоуми, и дека насекаде и при секој повод ќе го употреби своето право на законска одбрана. Експлозијата била предизвикана од бомба поставена под автомобил која била активирана кога поминувал автобус кој превезувал воен персонал.
„Бев во Гувенпарк кога слушнав голема врева. Сите беа исплашени и загрижени. Веднаш дојдов овде“, вели еден очевидец.
Поголемиот број од жртвите и ранетите се турски војници и офицери. Се уште нема официјална информација за тоа кој стои зад атентатот, но низвори на турските служби за безбедност тврдат дека зад нападот стои забранетата Курдска работничка партија. Од друга страна, безбедносни извори од југоистокот на Турција, каде што мнозинството население се Круди веруваат дека зад експлозијата стои терористичката Исламска држава.
Поради нападот беше откажан е и мини- самитот посветен на мигрантската криза на кој требаше да учествуваат 11 претставници од земјите-членки на ЕУ и на Турција, а премиерот Давутоглу го откажа учеството на самитот во Брисел. Официјални претставници на ЕУ и на НАТО го осудија терористичкиот напад и им изразија сочуство на турските власти и семејствата на настраданите.
Во меѓувреме, силна експлозија оддекна и ја уништи зградата на Турскиот културен центар во предградие на Стокхолм. Нема повредени бидејќи во моментот на експлозијата во зградата немало луѓе. Се претпоставува дека се работи за бомба. Се уште нема уапсени ниту осомничени, и во тек е истрага за несреќата.
Марина Автовска
