Можни нови патишта за бегалците?!

18.02.2016 10:11

И во Вашингтон се разговара за бегалската криза, која што е во моментов најголемиот предизвик за европскиот континент. Европските држави се поделени во однос на политиката кон мигрантите. Ако ЕУ ги заштити границите на Македонија, бегалците ќе најдат алтернативни патишта преку Албанија и Бугарија, за да стигнат до ветените земји, Германија и Шведска, сметаат од Институтот за миграциски политики во Вашингтон...

1,5 милион мигранти пристигнале во Европа. Германија, Австрија и Шведска примија најголем број од бегалците од Сирија и од Ирак, додека земјите членки од Источна Европа не сакаат да преземат дел од нив. Мигрантите одбиваат да бидат регистрирани во Грција за да не бидат протерани. Земјите од Западниот Балкан засега се транзитни земји за бегалците, но ако се затворат границите кон ЕУ, состојбата може да ескалира. „Европа мора да ги контролира границите кон Медитеранот“, оценува директорот на Институтот за миграциски политики во Европа, во својот извештај по 6-месечен престој во Брисел.

„Европските земји знаат дека се следните, ако Македонија не ја обезбедува границата. Македонија има мала граница со Грција. Ако таму почне потешко да се влегува, бегалците ќе почнат да одат лево или десно. Ако одат лево, сите останати балкански земји ќе бидат вмешани. Ако одат десно е Бугарија. Веројатно европските држави седат и размислуваат дали тие се следните“, вели Димитрис Пападимитриу, директор на Институт за миграциски политики во Европа.

Според извештајот, европските институции мора да направат прелокација на мигрантите, финансиски да ги помогнат Турција, Либан и Јордан каде има бегалски кампови, и да интегрирарат во своите земји бегалците од Сирија и од Ирак.

Според извештајот на Институтот за миграциски политики во Европа, половина од бегалците не се од Сирија или од Ирак, туку од Пакистан, Авганистан, Еритреја, Нигерија и од Бангладеш.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ