Давутоглу: Сирискиот режим одговорен за нападот
Сторителот на нападот во Анкара е идентификуван како припадник на Народната заштитна единица која соработува со бунтовниците од Работничката партија на Kурдистан. Давутоглу изјави и дека ќе продолжи турското гранатирање на силите за заштита на народот во северна Сирија...

Турскиот премиер Давутоглу изјави дека сирискиот режим директно е одговорен за нападот во Анкара во кој загинаа 28 лица, а 60 беа повредени. Тој истакна дека 26 од загинатите се војници, како и дека поради инцидентот се уапсени деветмина. Меѓудругото, истакна дека сторителот е идентификуван како припадник на Народната заштитна единица која соработува со бунтовниците од Работничката партија на Kурдистан.
Давутоглу изјави и дека ќе продолжи турското гранатирање на силите за заштита на народот во северна Сирија, додавајќи дека во текот на изминатата ноќ турски воени авиони бомбардирале цели на ПКК во северен Ирак.
Руското министерство за надворешни работи соопшти дека терористичкиот напад во Анкара не може да има никакво оправдување и дека неговите организатори треба да одговараат.
Осуда стигна и од генералниот секретар на Обединетите Нации, Бан Ки-Мун, кој во писмена изјава ја изрази солидарноста на ОН со народот и владата на Турција.
Во меѓувреме, денеска најмалку седум членови на силите за безбедност загинаа во експлозија на воен конвој во југоисточниот турски округ Дијарбекир. Медиумите јавуваат и дека има голем број повредени.
Поради нападот беше откажан е и мини- самитот посветен на мигрантската криза на кој требаше да учествуваат 11 претставници од земјите-членки на ЕУ и на Турција, а премиерот Давутоглу го откажа учеството на самитот во Брисел.
Силна експлозија ја уништи зградата на Турскиот културен центар во предградие на Стокхолм. Нема повредени бидејќи во моментот на експлозијата во зградата немало луѓе. Се претпоставува дека се работи за бомба. Сѐ уште нема уапсени ниту осомничени, и во тек е истрага за несреќата.
Марина Автовска
