Спроведување на реформите за фер и демократски избори

18.02.2016 12:52

Набљудувачите од Советот на Европа, кои ја скенираа политичката состојба во земјава, потсетуваат- сите партии се договорија за избори на 24 април, и таа прилика не треба да се испушти. Партиите се посветени на јунско- јулскиот договор, велат парламентарците...

Ве потикнуваме да ги спроведете сите реформи и да се организираат фер и демократски избори. Сите политички чинители со кои разговараме се посветени на реализирање на договорот од Пржино – велат двајцата парламентарци од Советот на Европа кои неколку дена во земјава ја скенираа политичката состојба.

„До 24-ти февруари на крајот на овој оценски процес пратениците на кои мандатот им е даден од страна на граѓаните ќе ги извагаат сите аргументи и ќе донесат конечна одлука и чекори за свикување предвремени избори како што е претходно договорено, при што сите страни се надеваат и очекуваат изборите да бидат слободни и праведни“, изјави Лиза Кристоферсен.

Ние не сме медијатори, туку набљудувачи- одговорија парламентарците на прашањето дали ќе се одржат избори во закажаниот термин. Кристоферсен и Гилечи очекуваат новиот Парламент да е место за демократски дискусии и реформи.

„Организацијата на предвремените избори е нешто што е договорено од страна на сите политички сили, тие не треба да ја пропуштат можноста да постигнат компромис, односно да стасаат до точка каде ќе можат да се организираат суштински и содржински избори во интерес на народот“, рече Валериj Гилечи.

Извештајот за неколкудневната посета на Македонија, Кристоферсен и Гечи ќе го презентираат пред Собранието на Советот на Европа на 10-ти март во Париз.

 

Миле Ристески