Иванов: Македонија нема да ги затвори границите, се залагеме за сеопфатно решение на бегалската криза

18.02.2016 13:03

Македонија нема да ги затвори границите, ние се залагаме за сеопфатно решение на бегалската криза, изјави по средбата во Брисел со претседателите на Европската комисија и на Европскиот совет, Јункер и Туск, шефот на македонската држава Ѓорге Иванов. Тој потврди дека политичката криза, како и бегалската, се огромни предизвици за земјава...

Нашиот став е дека Македонија не може да биде надворешната граница на Европската Унија, ние не можеме да ги замениме сите активности кои се обврска на Унијата, но ќе продолжиме да спроведуваме сѐ што е во рамките на целокупното европско решение- ова е пораката што претседателот Ѓорге Иванов им ја упати на претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск и претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер, на вчерашниот состанок во Брисел.

Претседателот Иванов ги отфрли шпекулациите дека Република Македонија ќе ги затвори граничните премини кон Грција, како и дека ќе отвори бегалски кампови за згрижување на бегалците. Тоа се неосновани тврдења, Македонија останува на својот став- дециден е претседателот Иванов.

„Македонија никогаш не размислувала ниту имала план да ги затвори своите легални премини. Затоа уште од октомври баравме да на тој премин се обезбеди сѐ што е потребно за евидентирање на мигрантите. Уште во октомври, Македонија го затвори тоа прашање кога секоја земја мораше да ги пријави своите капацитети. Ние кажавме дека може 2.000 лица да транзитираат. Додека транзитираат, за краток временски рок можеме да се грижиме за нив“, вели претседателот Иванов.

Осврнувајќи се на актуелната политичка состојба во државата, претседателот Иванов истакна дека политичките лидери, кои воедно се и потписници на Пржинскиот договор, имаат одговорност  истиот што поскоро да го реализираат, бидејќи политичката криза влијае и на безбедноста на државата.

„Секое одлагање влијае на нашата спремност за справување со кризата. Нас ни е неопходно да се почитува тој договор и датумите на тој договор, за да можеме да имаме влада со чист политички мандат, која мора да се справува со овие, пред сѐ безбедносни ризици“, нагалсува претседателот Иванов.

Потребни се стабилни институции за спроведување на актуелните решенија и активности, како и за предвидените законски измени- дополни македонскиот претседател, Ѓорге Иванов.

 

Марина Стојанова- Тонева, постојан дописник од Брисел за МРТ