Сирискиот режим одговорен за нападот во Анкара

18.02.2016 14:44

Се затегнуваат односите меѓу Анкара и Дамаск, Турција и Сирија се пред можна војна, по вчерашната експлозија, во која беа убиени 28, а повредени 60-тина лица, и по бомбата во Турскиот културен центар во Стокхолм. Нова експлозија и 7 загинати војници во јужна Турција. Турскиот премиер Давутолгу изјави дека зад терористичките напади стојат милитантите на Курдската работничка партија, чие седиште е во Сирија...

Турскиот премиер Давутоглу изјави дека сирискиот режим директно е одговорен за нападот во Aнкара во кој загинаа 28 лица, а 60 беа повредени. Тој истакна дека 26 од загинатите се војници, како и дека поради инцидентот се уапсени деветмина. Меѓудругото истакна дека сторителот е идентификуван како припадник на Народната заштитна единица која соработува со бунтовниците од Работничката партија на Курдистан.

„Информациите што ги собравме ќе ги поделиме со сите земји, првенствено со они кои сметаат дека Народната заштитна единица не е терористичка организација. Очекуваме целосна соработка. Наше право е да очекуваме солидарност од нашите сојузници во овие моменти, исто како што ние бевме солидарни по нападите на 11 септември“, изјави турскиот премиер Ахмет Давутоглу.

Давутоглу изјави и дека ќе продолжи турското гранатирање на силите за заштита на народот во северна Сирија, додавајќи дека во текот на изминатата ноќ турски воени авиони бомбардирале цели на ПКК во северен Ирак. Турскиот претседател Ердоган изјави дека Турција решително ќе одговори на нападот и дека насекаде и при секој повод ќе го употреби своето право на законска одбрана.

„Загубивме 28 наши граѓани и имаме уште 28 во болница. Иако оние кои ја предводат Народната заштитна единица и ПКК велат дека ова нема никаква врска со нив, информациите од нашите разузнавачки служби и од министерот за внатрешни работи  покажуваат дека ова е нивно дело“, рече Реџеп Таип Ердоган, претседател на Турција.

Руското министерство за надворешни работи соопшти дека терористичкиот напад во Анкара не може да има никакво оправдување и дека неговите организатори треба да одговараат.

Во меѓувреме, денеска најмалку седум членови на силите за безбедност загинаа во експлозија на оклопното возило во кое се наоѓале во југоисточниот турски округ Дијарбекир. Медиумите јавуваат и дека има голем број повредени.

Силна експлозија ја уништи зградата на Турскиот културен центар во предградие на Стокхолм. Нема повредени бидејќи во моментот на експлозијата во зградата немало луѓе. Се претпоставува дека се работи за бомба. Во тек е истрага.

 

Марина Автовска