Берза: Потребни се нови играчи и отворање на пазарот на капитал

18.02.2016 16:30

Брокерите сугерираат државата да воведе даночни олеснувања за да можат и општините и јавните претпријатија да котираат на берзата. Нова алтернатива за домашните инвеститори е и спојувањето на Македонската со Софиската и Загребската берза...

Корпоративни, државни обврзници или регионално поврзување на берзите. Ова ќе ја раздвижи Mакедонската берза – велат познавачите на бизнисот со тргување со хартии од вредност. Сега, голем дел од компаниите и од инвеститорите се воздржани, и покрај тоа што вложувањето е атрактивно, како резултат на каматните стапки на депозитите.

„Зборуваме за потреба од инструменти. Секако, некоја корпоративна обврзница добро би ни дошла, уште некоја државна обврзница дизајнирана да привлече секундарно тргување, а не само да заврши веднаш во пензиските фондови“, вели Иван Штериев, Македонска берза.

Регулативата е добра, потребна е поголема поддршка – велат брокерите.

„Компаниите треба да се стимулираат со мерки и инструменти од државата, со фискални инструменти да се појават на берза, дали нови, дали постојните да се докапитализираат“, смета Кирил Митровски, брокер.

Малите пазари потешко се опоравуваат од кризите, но ваквата состојба не треба да обесхрабрува – вели регулаторот.   

„Секундарниот пазар е сеуште атрактивен за инвеститорите. Можеби е прашање на одредена воздржансот зошто нивното присуство не е така значително. Причините за тоа може да се бараат во повеќе насоки. Една е можеби бумот кој настана во 2007-ма година, кој ги зголеми перцепциите и очекувањата на сите инвеститори“, изјави Мато Стојановски, Комисија за хартии од вредност.

Инвеститорите бараат ликвидни компании и ликвидни акции- велат финансиските експерти.

„За капитал има неколку центри- Њујорк, Лондон, Франкфурт, Токио“, вели Џон Јоновски, директор во Меѓународна финансиска корпорација.

За 20 години Македонската берза остварила промет од 3,4 милијарди евра од кои 680 милиони во периодот на берзанскиот бум во 2007 година.

 

Дијана Ценевска