Државна помош до рестартирање на рудниците Тораница и Злетово
Владата донесе одлука за рестартирање на рудниците Тораница и Злетово. Распишан е повик за концесија, се бараат нови инвеститори. Одржување на двата рудника сѐ до нивната продажба и рестартирање ќе се финансира со државна помош...

Три реномирани странски компании од рударската бранша пројавиле сериозен интерес за преземање на рудниците Злетово и Тораница, со кои до скоро управуваше „Индоминерали и метали“. И беше одземена концесијата за ископ на руда, а таа остави и долг од 8,5 милиони евра. Владата донела одлука да се грижи за ладно одржување на рудниците до јуни годинава, до кога се очекува да бидат преземени од нови инвеститори. Јавниот повик за доделување концесија е отворен до 14 март, а веќе на 16-ти ќе се одржи јавна аукција за избор на најдобар понудувач.
„Вкупните побарувања од доверителите се 8,5 милиони евра- вкупниот долг за двата рудника. Проценката е направена на двата рудника на 7,5 милиона евра. Тоа е стечајна постапка и не можеме ние да кажуваме или да знаеме какви ќе бидат конечните одлуки на судовите. Ние како еден од доверителите знаеме дека ликвидацијата е на повидок и така овие две постапки паралелно ќе се завршат и се надеваме на брз рестарт на двата рудника“, вели Христијан Делев, заменик министер за економија.
Најголеми доверители на рудниците се: ЕВН, државата, општините и други фирми, вработените на кои им должат 2,5 плати и неплатени бенефиции за 7 години. Сите очекуваат брзо завршување на ликвидацијата во стечај и брза продажба, по што линеарно ќе бидат обештетени сите доверители.
„Во наредните два- три месеци очекуваме разрешница, што е посебно и најбитно за сите вработени во двата рудника, нормално и за сите граѓани во општините Крива Паланка и Пробиштип. Нема потреба да нагласуваме за оваа агонија која трае од месец септември со неработење и повеќемесечно не земање плата“, вели Бранко Димитровски, претседател на Синдикатот на вработени во рудник Тораница.
Од владата велат дека се бараат сериозни концесионери кои треба да исполнат два услова, доставување банкарска гаранција вредна половина милион евра и бизнис план при што пресуден ќе биде бројот на ангажирани работници.
Свето Николовски
