Со низа проекти Кинотеката на Македонија ќе одбележи 40 години постоење

19.02.2016 14:52

Со неколку проекти Кинотеката на Македонија годинава ќе одбележи 40 години постоење. Ќе ги промовира на два значајни датума, на својот роденден во април, и на 27-ми октомври кога се одбележува Светскиот ден за заштита на аудиовизуелното наследство...

Ќе се реконструираaт покривот на Кинотеката и музејската постанoвка наменета за „Вардар филм“ и за светската кинематографија. Промоцијата е на 27-ми октомври, на Светскиот ден на аудиовизуелното наследство. Ќе се обновуваат и Хавзи-пашините конаци во скопско Бардовци, каде што се депоата на Кинотеката, за филмови од светската кинематографија. 

„Се работи за огромна површина од 2,8 хектари, каде што ќе се чува нашето вредно културно наследство и ќе се стави во функција на филмската дејност. Очекувам на крајот на 2016 и во почетокот на 2017 да се објави тендер за избор на фирма која во наредната година ќе почне целосна обновата на Хавзи- пашините конаци“, изјави Елизабета Канческа- Милевска, министер за култура.

Годинава ќе бидат промовирани три дигитално реставрирани филма, од Владимир Блажевски, Коле Ангеловски и Димитрие Османли. Во фаза на дигитализација се шест играни филма на режисерот Бранко Ивановски - Гапо.

„Оваа година е јубилеј за Кинотеката, прославуваме 40 години од постоењето и од работата. Роденденот ќе го одбележиме со неколку награди, покрај традиционалната „Златен објектив“ . Настанот ќе биде надополнет со ревија на македонските филмови кои беа реставрирани во 2015. Ќе биде организирана и ретроспективна изложба за постоењето на институцијата од 1976 до денес“, изјави Бошко Грујовски, директор на Кинотека на Македонија.

Во завршна фаза е проектот „Сведоци“ - документарен серијал со интервјуа на некогашните деца бегалци од Егејскиот дел на Македонија. Досега се промовирани четири дела. Наскоро се очекува и последниот, петтиот дел од серијалот. 

 

Андријана Атанасовска