Почина 21-годишна родилка од Прилеп, причините ќе се знаат по обдукцијата

19.02.2016 15:17

Трагедија во прилепската болница. 21-годишна родилка, шест часа по спонтаното породување почина во болницата, и по интервенцијата на 7 лекари. Бебето е здраво, а за причините на смртта на родилката ќе се знае по одбукцијата...

Од засега непознати причини 21- годишната родилка Симона Блажеска од прилепско Беровци ноќеска почина во прилепската градска болница. Блажеска вчера околу 13 часот се породила, родила здраво машко дете, се било во ред до вечерта. Шест часа по породувањето, со силни болки во стомакот, ситуацијата и се комплицира. Интервенира тим од 7 лекари.

„Направена е опсежна реанимација и постапено е по сите протоколи. Ангажирани се четири гинеколози, двајца анестезиолози и еден уролог. Но, за жал, во 1.50 часот пациентката егзитира“, вели Петар Ристески, директор на Прилепската градска болница „Борка Талески“.

Семејството на Блажеска, на која ова и било второ раѓање, е скршено од болка. Бара правда.

„Во ред беше се, нормално породување, како шт треба. Се породи, во 16.10 часот вчера излеговме во салонот, дојдовме јас, стрината, мајка и, свекрвата и мажот и. Се гушнавме, се избакнавме. Беше свежа, предобро беше девојчето. Рече, стрино, малку ме боли стомакот, а ние рековме дека е нормално тоа. Во 1.30 часот јавија дека искрварила многу. Значи, тоа е зашто немало никој надлежен да ја види“, вели стрината на починатата родилка, Славица Ристеска.

„Девојчето во 1.30 часот го изгубивме. Сето е од невнимание на докторите, оти тие ноќеска отишле во Битола да бараат доктор, кога видиле по 10 часот некои проблеми“, вели чичкото на починатата родилка, Томислав Ристески.

За случајот е информирано Министерството за здравство, а јавното обвинителство побара одбукција за да се утврдат причините за смртта на родилката.

 

Елизабета Митреска