Нова метода на Клиниката за офталмологија- ќе се спречува брзиот раст на диоптријата
Инвестиција од 10 милиони денари на Клиниката за офталмологија. Со новата метода спречување на прогресот на диоптријата. 30-тина пацинети годишно ќе можат да ја направат интервенцијата на сметка на Фондот за здравствено осигурување. Македонските лекари поминале обука во Софија, Истанбул во Љубљана.

Брзото растење на диоптријата ќе може да се спречи со новата метода која ќе се применува на Клиниката за офталмологија. Годишно, 30-ина пациенти ќе можат да ја направат интервенцијата на сметка на Фондот за здравство. Надлежните велат дека ако се јават повеќе пациенти, ќе се прошири листата.
„Со воведувањето на техниката на крослинкинг се доведуваме до ситуација тие пациенти да можат да дојдат до рано третирање и успорување, и во извесна ситуација ако има помлади пациенти- сопирање или излекување на болеста“, вели офталмологот д-р Христијан Дума.
„Со тоа се избегнува и до доаѓање до потешка хируршка интервенција“, додава д-р Илијаз Исмаили, директор на Клиниката за офталмологија.
Офталмолог Борислав Михаилов Кјучуков кој во Бугарија ја има воведено оваа метода ќе им помага на колегите на скопската клиника.
„Од 2007 досега со моја колешка имаме направено 500 интервенции со неверојатно добри резултати. И тоа на млади луѓе кај кои кератоконусот е стабилизиран. И сите тие млади луѓе се спасени од трансплантација на рожницата“, изјави доц. д-р Борислав Михаилов Кјучуков, офталмолог.
Инвестицијата за новата постапка чини 10 милиони денари. Со новата опрема ќе работат македонски лекари кои поминале обука во Софија, Истанбул и во Љубљана.
Наташа Јанчиќ
