Под мотото „Година на книгата, книга за секое дете“ одбележан меѓународниот ден на мајчиниот јазик

19.02.2016 15:50

Во пресрет на меѓународниот ден на мајчиниот јазик, НУ Универзитетска библиотека од Битола „Св. Климент Охридски“ го промовира проектот „Година на книгата, книга за секое дете“. Со цел уште поголема популаризација и доближување на книгата и до најмладите генерации преку доделување на ваучери бесплатно зачлени дел од децата од предшколска возраст. Педагозите велат, сеуште стапката на читање ни е ниска...

Книгата била и ќе остане најдобриот другар. Со секој прочитан ред се осознават нови нешта. Тоа е алатката со која можеш да продреш во туѓите цивилизации, но и на најдобар начин да го чуваш и негуваш мајчиниот јазик, велат младите битолчанки чија желба е и тие еден ден да создават вредни книжевни дела.

Под мотото „Година на книгата, книга за секое дете“, универзитетската библиотека „Св. Климент Охридски“ од Битола додели ваучери за бесплатно зачленување на учениците од предшколска возраст.

„Проектот е насочен како книгата да се користи на сите нивоа во образовниот процес, и мислам дека ќе успееме да кажеме дека децата читаат и тоа ќе биде една навика без која не се може“, вели директорката на библиотеката, Лили Бошевска.

„Ако се оди според тоа дека првите пет години се најважни, тогаш зачувувањето на мајчиниот јазик може да се одржи преку читање, тоа го покажуваат и најновите истражување“, рече надворешната соработничка на библиотеката, проф. доц. Билјана Граматковски.

Битола од памтивека важел за град кој го негувал литературниот македонски јазик, но и ги почитувала и чувала пишаниот збор на народностите.

Изложбата од книги сама по себе говори зошто го носи епитетот „космополитска“.

 

Стевче Митревски