Економски мерки за подобра бизнис клима

19.02.2016 16:13

Во Сојузот на стопански комори, средба на претседателот на ВМРО- ДПМНЕ, Груевски со бизнисмените. Разменети информации за досегашниот тек на спроведените мерки во економскиот сектор и за подобрување на бизнис климата.

ВМРО-ДПМНЕ и Сојузот на стопански комори на заедничка маса. Бизнисмените предложуваат сет мерки кои треба да ја подобрат деловната клима во земјава.

„Сојузот преку своите 11 секторски комори и повеќе од 30 здруженија и организации континуирано на седниците на управните одбори дискутира за актуелната економска состојба и утврдува предлог мерки и економски активности со цел подобрување на истата. ССК подготви предлог пакет економски мерки составен од вкупно 65“, изајви извршниот директор на ССК, Митко Алексов.

Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Македонија и годинава и идната ќе оствари висок економски раст, што треба да донесе подобар живот на граѓаните. Груевски најави дека при изработка на програмата ќе го слушаат гласот на бизнисот, предложените мерки ќе бидат вградени во документот.

„Важен ни е вашиот глас, вашата идеја, вашите препораки за економијата, бидејќи ние сме опција за која најважен од се е напредокот, идеите кои овозможуваат напредок, а не кој ги дава. Така и ќе остане и во оваа нова програма која ќе ја изработиме“, изајви лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

Според Груевски, мерките кои биле спроведени од Владата во изминатиов период, овозоможиле раст на БДП, зголемување на извозот, намалување на невработеноста, а се инвестирало во капитални проекти.

 

Дијана Ценевска