Хуан Мата од Челзи во Манчестер Јунајтед
Шпанецот Хуан Мата ќе биде првото засилување...

Шпанецот Хуан Мата ќе биде првото засилување на Манчестер Јунајтед во зимскиот преоден рок. Челзи ја прифатил понудата за него од околу 37 милиони фунти од актуелниот англиски шампион и дозволил негова преселба на „Олд Трафорд“, откако во тековнава сезона играчот за врска не беше во плановите на менаџерот Жозе Мурињо и добиваше ограничена шанса.
Шпанскиот репрезентативец, кому му треба значителна минутажа за да избори место во националната селекција на претстојното Светско Првенство во Бразил, се очекува да потпише четири и полгодишен договор за „црвените ѓаволи“, коишто сезонава под водство на Дејвид Мојс се во резултатска криза и далеку од ланските резултати.
Мата уште вчера се збогувал со соиграчите и со стручниот штаб на Челзи, а денеска треба да го официјализира преминот, откако ќе ги мине медицинските прегледи. Во текот на двете сезони коишто ги мина во дресот на лондонските „сини“, заработуваше по 70 илјади фунти неделно. Во Манчестер Јунајтед ќе добива двојно повеќе.
Трансферот на Хуан Мата од 37 милиони фунти, со којшто веројатно почнува процес на посериозно реновирање на клубот, ќе биде рекорден досега за англискиот фудбалски великан од Манчестер.
