ХРВ: Загрижувачка состојба со човековите права на Балканот

23.01.2014 13:01

Владите на земјите од Западниот Балкан лани направија многу малку...

Владите на земјите од Западниот Балкан лани направија многу малку за решавање на долготрајните проблеми со човековите права, а посебно загрижувачка е состојбата во Босна и Херцеговина, Косово и Србија, се наведува во извештајот за човековите права за 2014 година на Меѓународната организација „Хјуман Рајтс Воч“ (ХРВ).

Организацијата заклучила дека во земјите од Западен Балкан е остварен само ограничен напредок во поглед на утврдување на одговорноста за воените злосторства, во справувањето со дискриминацијата и кршењето на човековите права на припадниците на ромското малцинство, како и во борбата против малтретирањето и насилството врз новинарите и членовите на ЛГБТ заедницата.

Воочливо е и отсуство на трајни решенија за проблемот со бегалците и внатрешно раселените лица, се наведува во извештајот.

Според организацијата, загриженост околу почитувањето на човековите права, преземањето мерки против лицата одговорни за воени злосторства, односот кон малцинствата и функционирањето за системот за азил постои и во најновата земја- членка на ЕУ, Хрватска.

 

Лидија Чакар