Напредок има, но услови за избори нема
Дали се оддолжува решението за политичката криза во земјава? Според амбасадорите на САД и ЕУ, Бејли и Орав, направен е одреден напредок во создавањето услови за одржување предвремени собраниски избори, но не се направени реформи во медиумската област, а кратко било и времето за пречистувањето на избирачкиот список. Бејли, во отсуство на Орав, самиот ја достави оценката, односно заедничкото писмо до премиерот за спроведување на парламентарните избори Димитриев. Останува, според Бејли, Собранието да донесе одлука за нов изборен датум...

Напредок има, но не се исполнети условите за одржување на избори на 24-ти април пишува во извештајот на амбасадорите Аиво Орав и Џес Бејли, кој беше доставен до премиерот Емил Димитриев. Во заедничката изјава се констатира дека сѐ уште не е постигнат договор за реформите во медиумите, амбасадорите биле загрижени бидејќи имало првични извештаи за вршење притисок.
„Силно ги охрабруваме сите политички лидери, мнозинството како и опозицијата, и институциите да останат целосно посветени на договорот од јуни/ јули, вклучувајќи ги и досега преземените чекори од овој договор. Ако изборите не можат да се оддржат на предвидениот датум, се очекува од политичките партии да работат со цел да ги преземат неопходните мерки за овозможување веродостојни избори на најраниот можен датум, и со целосно почитување на обврските како и тековната подготвителна работа на државната изборна комисија“, изјави амриканскиот амбасадор Бејли.
Партиските лидери го имаат споменато 5-ти јуни како можна алтернатива. Сега се потребни сериозни напори од сите чинители да обезбедат услови кои би овозможиле веродостоен изборен процес во кој сите граѓани и партии слободно би учествувале изјави американскиот дипломат Бејли.
„Одлуката за промена на денот на изборите секако ја има Собранието на Република Македонија“, нагласи Бејли.
Политичките лидери имаат одговорност да ги преземат неопходните чекори да ја вратат земјата на Евро- атлантскиот пат со спроведување на политичкиот договор како и итните реформски приоритети во интерес на граѓаните на оваа земја, пишува во заедничката изјава на дипломатите Бејли и Орав.
Миле Ристески
