Шпански квалитет и шмек во Вардар
По тренерската вртелешка ракометниот клуб Вардар конечно има тренер со долгорочен договор...

По тренерската вртелешка ракометниот клуб Вардар конечно има тренер со долгорочен договор. Шпанецот Раул Гонзалез Гутиерез и официјално е промовиран во нов стратег на црвено – црните. Договорот со сопственикот на Вардар Сергеј Самсоненко е постигнат од втор обид и е потпишан до 2016 година.
44 – годишниот Раул Гонзалез е задоволен од квалитетот на екипата која според него е на високо ниво и изјави дека ваква шанса не може да не се прифати и да не се искористи и е сигурен дека ќе даде се од себе за да се остварат целите што ги зацртал клубот. Раул Гонзалез кој допрва треба да се привикнува на работата во македонскиот ракомет и на животот во Скопје, се надева дека тоа ќе го стори брзо и дека се ќе биде во најдобар ред.
Првиот човек на Вардар пак, Самсоненко рече дека по заминувањето на Зоран Кастратовиќ, токму Раул Гонзалез бил негова прва желба и исто како и новиот тренер очекува успешна соработка.
Раул Гонзалез Гутиерез важи за талентиран тренер кој му беше асистент на Талант Душебаев во Атлетико Мадрид и во Сиудад Реал. Како играч на Ваљадолид беше шампион на Шпанија и победник на „Кралскиот куп, а со црвената – фурија освои бронза на Олимписките игри во Атланта во 1996-та година. Новиот тренер на Вардар.
Вардарци имаат одлични шанси за пласман во осминафиналето на Лигата на шампионите затоа што во завршните три меча во февруари двапати ќе играат дома со Динамо Минск и со Тун, а во последниот меч ќе му гостуваат на ПСЖ.
Освежувањето во женскиот клуб на Вардар пак, е на функцијата спортски директор којашто во иднина ќе ја извршува некогашната ракометарка на Кометал Ѓорче Петров, Тања Медвед. Заблагодарувајќи се на укажаната чест, Медвед потсети дека нејзината интернационална кариера почна во Скопје и дека во Македонија не се чувствува како странец. Екс репрезентативката на Србија очекува со заедничка работа Вардар да стане најдобар и најпрепознатлив клуб во женскиот ракомет во Европа.