МНР: Македонија нема да ги затвори границите за бегалците

22.02.2016 12:37

Македонија нема да ги затвори границите за бегалците- ова е официјален став на МНР. Проблемот со Авганистанците на јужната македонска граница, настанал по одлуката на српските власти, да не ги примаат овие бегалци на транзитната рута низ Србија. Иако Европската комисија реши да додели 10 милиони евра помош за справување со бегалската криза, овие средства сеуште не се пристигнати во земјава...

Македонија ќе продолжи да ги прима сите бегалци за кои ќе се утврди дека доаѓаат од земји во кои постои опасност по живот. Меѓу нив се и оние од Авганистан кои во моментот Србија не ги пропушта. Од МНР очекуваат денеска, најдоцна утре, Европската унија да донесе став околу овој проблем, бидејќи околу 700 Авганистанци веќе се прифатени во земјава и не можат да го продолжат својот пат.

Земјава границите нема да ги затвори, единствено ќе направиме сѐ што е потребно за да немаме илегални влезови како што беше пример лани, е официјалниот став на МНР.

Што се однесува до финансиите, од Министерството брифираат дека на ниво на држава нема точен број колкав е досегашниот трошок од мигрантската криза, но таа се проценува на неколку десетици милиони.

Има информација дека најверојатно, како што велат од МНР, во Виена се пристигнати 10-те милиони евра на Македонија кои Европската комисија ги одобри на 15-ти февруари за бегалската криза, но тие сеуште не се распоредени на соодветните институции во земјава кои се справуваат со кризата.

Статистиката покажува дека значително е намален бројот на мигранти кои транзитираат, но од МНР се искрени дека причината не се спроведувањето на планот и мерките на ЕУ, туку временските услови.

Се очекува, со растот на температурите напливот на границата да брои илјадници мигранти.

Катерина Топалова