Бесплатни обуки за 2.000 млади за странски јазици и компјутерски вештини
Огласот е распишан поради сѐ поголемиот број на работодавачи кои бараат познавање на овие вештини, велат од Министерството за труд...

Министерството за труд и социјална политика распиша оглас за бесплатни обуки за странски јазици за 1.000 невработени млади лица до 29 години и обука за компјутерски вештини, исто така за 1.000 лица. Огласот е распишан поради сѐ поголемиот број на работодавачи кои бараат познавање на овие вештини, велат од министерството.
Oбуката за странски јазици опфаќа почетно средно или напредно ниво, за англиски, француски или германски јазик, додека обуката за компјутери е за вештините од Microsoft Office, појасни заменик министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.
Директорката на Центарот за вработување од Скопје, Слободанка Алексовска информираше дека заинтересираните треба да имаат завршено минимум средно образование.
Право да аплицираат, имаат сите невработени активни баратели на работа, но и оние кои досега не биле евидентирани во АВРМ. Тие ќе треба да се евидентираат и потоа да аплицираат за некоја од обуките.
Единствен критериум при селекцијата на оние кои ќе може да посетуваат некоја од обуките за лицата со средно образование ќе биде социјалниот статус односно висината на примањата во семејството, доколку на огласот има повеќе пријавени од предвидениот број.
