Позитивен тренд на осигурителниот пазар
Граѓаните сѐ повеќе се решаваат да го осигуруваат животот во осигурителните компании. Лани се регистрирани 624 милиони денари за овој вид полиси. Во земјава работат 31 осигурителна компанија, а граѓаните лани доставиле 100 претставки до Агенцијата за супервизија, што биле решени во нивна корист...

Расте бројот на осигурителни компании, се зголемува и продажбата. Животното осигурување бележи двоцифрена стапка на раст, но свеста за неживотно осигурување е се уште ниска. Потребна е едукација на населението.
„Понудите од осигурителните компании се доста комплексни. Токму осигурителните брокерски друштва треба со нивното знаење да им овозможат најдобра осигурителна програма, која ќе одговара на ризиците со кои тие се соочуваат во своето живеење или работење“, вели Климе Попоски, директор на Агенцијата за супервизија на осигурување.
Се зголемува и интересот за земјоделско осигурување. Oд првичните четири, сега има седум осигурителни друштва. Сепак, земјоделците имаат проблеми со документацијата.
„Наидовме на проблем со документацијата што треба да ни ја достават земјоделските осигуреници, околу сопственоста на површините со кои располагаат и какви култури се засеани. Се покажа дека податоците не кореспондираат и ние не можеме да преземеме таква одговорност, да влегуваме во ризици“, истакна Златко Михајловски од Асоцијацијата на брокерски друштва при Комората.
До Агенцијата за супервизија на осигурување минатата година стигнале повеќе од 100 преставки кои биле решени во корист на осигурениците. Рокот за исплата на надомест на штета е 14 дена, доколку е комплетирана целата документација.
Дијана Ценевска
