Македонските дипломи ќе имаат европски предзнак

22.02.2016 15:25

Македонските дипломи ќе имаат европски предзнак - се олеснува процесот на признавање на домашните квалификации во странство. Вака поставената рамка на квалификации ќе биде алатка, како за потребите на пазарот на труд така и за личен развој во контекст на доживотно учење на секој поединец и за вреднување на неговите постигнувања.

Македонските дипломи ќе имаат европски предзнак - се олеснува процесот на признавање на домашните квалификации во странство. Квалификациите ќе бидат еквивалентни со оние од Европската унија, со тоа дипломите ќе бидат вреднувани од европските работодавачи. Ова е важен чекор за образованието- вели заменик министерот Ристовски.

„Вака поставена, рамката на квалификации ќе биде алатка за подесување на квалификациите, како за општествените и потребите на пазарот на трудот, така и за потребите за личен развој во контекст на доживотно учење на секој поединец“, изјави Спиро Ристовски, заменик министер за образование и наука.

Поврзувањето на македонската со европската рамка на квалификации е од големо значење за земјава. На овој начин македонскиот образовен систем се приклучува кон европскиот образовен простор.

„Посебно ќе ја издвојам улогата која ќе ја има за зголемување на квалитетот и на квантитетот на меѓународните мобилности во процесот на учење, но и на мобилностите за обуки во рамките на пазарот на трудот“, нагласи Дарко Димитров- директор на Националната Агенција за европски образовни програми.

По двегодишен процес, земјава ја усогласи рамката на квалификации со европската – извештајот e прифатен од Европската комисија во Брисел минатата недела.

 

 

Андријана Атанасовска