Брисел: Постигнат напредок, но не и услови за кредибилни избори
„Политичките партии да останат посветени за одржување кредибилни избори, што е можно поскоро“ – ова е пораката од официјален Брисел. Европската унија потврди дека е постигнат одреден напредок, но и дека се уште не се исполнети условите за организирање кредибилни избори на 24 април...

Иако датумот на изборите е „бетониран“ со договорот од Пржино, сепак, утврдено е дека се уште не се исполнети сите услови за кредибилни избори - изјави портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич. Таа во име на ЕУ ги повика политичките партии во македонија „да останат посветени за одржување кредибилни избори, што е можно поскоро“.
„Оценката покажа дека во оваа фаза, потребните услови за организирање на кредибилни избори на 24 април во моментов не се обезбедени, иако е постигнат прогрес. Во овој контекст, ние веруваме дека сериозни напори на сите засегнати страни се потребни за да се обезбедат погодни услови за кредибилен изборен процес, каде сите граѓани и партии слободно ќе партиципираат“, изјави Коцијанчич.
Сепак, постигнатиот прогрес, потенцираше Коцјанчич не е доволен за Брисел да обзнани дека се исполнети условите за избори. Оценката на ЕУ и САД, американскиот амбасадор Џес Бејли ја предаде на премиерот Емил Димитриев со истите констатации- напредок има, но не е постигнат договор за медиумите.
„Одлуката за промена на денот на изборите секако ја има Собранието на Република Македонија“, нагласи Бејли.
Меѓународниот фактор ги повика партиите да останат посветени на исполнување на договорот од Пржино.
Миле Ристески
