Бегалска криза

Се чека решение за транзитот на Авганистанците

22.02.2016 16:33

Македонија засега не планира да ги затвори границите за бегалците, но, и нема да дозволи да стане тампон зона – велат од МНР. Очекуваат деновиве да се реши проблемот со транзитот на бегалците од Авганистан. Во очекување на европските пари, земјава досега потрошила десетици милиони евра, а притисокот врз нашите граници не попушта...

Стотици луѓе од сите страни се упатуваат кон привремениот прифатен центар во Tабановце. Службите се обидуваат најпрво да ги евидентираат мајките и децата, а потоа и останатите. Шестотините Aвганистанци кои од 19-ти месецов се овде повеќе не се единствениот проблем, на преминот се враќаат десетици автобуси со бегалци кои биле спречени да го продолжат патот.

Mе прашаа каде одам, им реков Германија. Ме прашаа дали одам да работам или на студии, им одговорив дека сакам да студирам и ме вратија назад“, вели Бакир.

„Ми ги бараа документите, но не им ги дадов, успеав да ги сочувам. Еве ги, мојот пасош, документот од Грција, од Македонија и од Србија. Им ги покажав и повторно ме вратија“, вели Јусуф.

„Не знам, бев со семејството, тие поминаа, а мене ме вратија. Околу 7 автобуси се враќаат од Словенија. Сите бевме заедно, спиевме 5 ноќи во Србија“, изјави Шеи.

„Нѐ вратија од границата на Србија со Хрватска со образложение дека имаме печат од Турција“, изјави Валентина.

Збунети бегалците, збунети и службите. Велат им ги вратиле бегалците без никаква најава.

„Практично тоа се вратени мигранти од Република Србија без најава на еден нелегален премин, тие не се вратени овде на граничниот премин“, вели Горан Стојановски, раководител на кампот.

Од МНР официјално одговорија дека Македонија ќе ги почитува заклучоците од Советот на Европа и ќе ги прими сите бегалци кои се враќаат назад, но очекуваат проблемот да се реши на ниво на ЕУ денеска, најдоцна утре.

Капацитетите во привремениот прифатен центар во Табановце се веќе надминати. Доколку ситуацијата не се реши за ден- два, Македонија ќе има сериозен проблем. Во тој случај владините тела ќе мораат да направат план- Б по кој ќе дејствуваат.

На обиколка во кампот дојде и народниот правобранител. По воочената ситуација, изрази само загриженост за моменталната состојба.

„Овие се лоши сигнали по однос на постапките или некоординацијата на државите или донесувањето на поединечни одлуки“, изјави надорниот правобранител, Иџет Мемети.

Од МНР велат дека државата нема официјална пресметка колку ја чини мигрантската криза досега, но велат, сумата се мери во десетици милиони евра. Според нивните информации, од ветените европски пари, засега делегацијата добила околу десет милиони евра кои дополнително треба да се распоредат на институциите инволвирани во згрижувањето на мигрантите.

 

Катерина Топалова