Македонски челични конструкции поврзуваат дел од највисоките албански мостови

23.02.2016 14:19

Дел од македонските компании повторно барани на меѓународните градежни пазари како резултат на понудениот квалитет. Битолскиот капацитет за изработка и монтажа на челични конструкции „Монтинг Инженеринг“ ангажирана за поврзување на три мостови во Албанија кои важат за едни од повисоките и се наоѓаат на потежок терен. Проектот вреден 4,2 милиони евра влегува во завршна фаза...

Македонските челични конструкции поврзуваат дел од највисоките албански мостови на потешко пристапните места. Битолската компанија „Монтинг Инжинеринг“ како подизведувач во рамките на проектот за дислокација на 13 километарски пат во централна Албанија успешно и во зацртаната временска рамка го привршува поврзувањето на три моста со должина од двеста до петстотини метри. Специфично и опасно, но, сепак квлитетно одговараме на овие захтевни услови, вели одговорниот инженер Славчо Ристевки, кој со 25 вработени последниве пет месеци максимално посветено одговараат на предизвикот.

„Начинот на изведба беше со навлекување, поточно со туркање, прво се монтираа носачите кои беа изработени во нашиот погон, а се користеа и големи хидраулични апарати за да се дојде до целта во вакви тешки услови“, вели одговорниот инженер Славчо Ристевски.

Подготовките и производството на потребните материјали започнаа уште од мај минатата година.

За сериозноста и големината на проектот зборува и податокот што во битолскиот погон беа произведени околу 220 тони челична конструкција, која беше транспортирана дури со 150 камиони.

Во завршна фаза е поврзувањето и на последниот мост од проектот кој ќе донесе 4,2 милиони евра и повисока референца на битолската компанија.

„Во сѐ потешки услови на стопанисување овие средства ќе значат сигурност на компанијата и уште поголема самодоверба и понатаму да се излегува надвор од нашата земја“, вели директорот Љубиша Чаушески.

Како организација која е една од поретките што се занимава со ваква дејност од поголем обем, велат дека следен предизвик ќе биде вклучување во мега проектот топлификација на Битола доколку поминат на тендеските постапки.

 

Стевче Митревски