Превод на 10 книги на албански јазик
23.01.2014 14:42
Книжевниот фонд на државниот универзитет во Тетово побогат е за 10 наслови...

Книжевниот фонд на Државниот универзитет во Тетово е побогат за 10 наслови. Промовирани се новопреведени книги на албански јазик од областа на економијата, правото, биотехнологијата и природно – математичките науки. Книгата во сите форми остана историски, научен и стручен информатор, изјави премиерот Груевски. Според него, основна цел на проектот е во Македонија да се донесат литература и книги што се користат на најпрестижните универзитети во светот.
„ Досега има преведено и испечатено над 400 книги на албански јазик. Тоа јасно укажува на нашата намера да инвестираме во интелектуалните капацитети на луѓето, без разлика на нивната национална и етничка припадност“, изјави претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски.
Со преводот на овие книги од врвни светски автори им се олеснува процесот на едукација на студентите на кои наставен јазик им е албанскиот, потенцира министерот Ристовски.
„Идејата на целиот овој проект е да понуди нови видици и нови знаења на колку што е можно поголема популација, на колку што е можно повеќе студенти “, изјави Спиро Ристовски, министер за образование и наука.
„Нашиот универзитет заедно со Владата и со Министерството за образование и наука досега промовираше над 100 наслови од научните книги од разни области кои веќе се користат како стручна литература од страна на нашите професори и студенти“, потенцира ректорот на Државниот универзитет во Тетово, Вулент Амети.
Во рамките на овој проект се преведени книги од сите научни области, економија, право, земјоделие, медицина, технички науки, меѓународни односи, политички науки, градежништво, архитектура, животна средина, социјална политика.
Ана Јосифовска
