Бегалска криза: Австриски полицајци на јужната граница
На македонската јужна граница е мирно, но се уште има бегалци кои чекаат за влез во земјава. Македонија, согласно договорот со државите од балканската рута, пушта онолку бегалци колку што ќе се примат во другите земји долж коридорот. На границата кај Гевгелија пристигнаа и безбедносните сили од Австрија, кои ќе соработуваат со нашите војници и полицајци...

Австрискиот генерал беше запознат со состојбата на границата, над 50 километри двојна заштитна ограда, бедемот со кој функционира одбраната на македонската граница, но и надворешните граници на Европската унија.
Впечатоците за беспрекорното организирање на транзитот на бегалците ќе се срочат во анализата на австриската војска и полиција за наредна поддршка на македонските патроли војска и полиција по должината на границата.
„Мојата задача е да се истражи каква поддршка можат да и понудат на вашата држава. Сѐ уште е рано да се каже каква ќе биде таа, но веќе зборевме со министерствата за одбрана и за внатрешни, со невладини организации, потоа ќе направиме проценка. Секако, видовме дека кампот е многу добро организиран, исто така, и управувањето со границата. Има и многу добра соработка меѓу полицијата и војската, исто како што е и во Австрија“, изјави Мартин Јаворек, генерал мајор- офицер за планирање на министерството за одбрана.
И австриските полицајци, контингент од 10-мина се придружија на патролите на АРМ и на полицијата, кои заедно со уште 90-ина полициски тимови од Чешка, Словачка, Србија, Словенија и Хрватска испраќаат силен сигнал дека на македонската јужна граница ќе се брани територијалниот интегритет и правните темели на европскат унија. Нивниот број се очекува да се зголеми до 450 во наредниот период, а за тоа каде ќе бидат сместени во преговори се надлежните во Гевгелија и Дојран.
„Ги согледувавме можностите за сместување овде во Дојран за дел од странските полицајци. Се уште немаме потврда за нивно сместување, меѓутоа сместувачките капацитети имаат директна комуникација. 300 странски полицајци на некој начин за 10 проценти би го зголемиле населението во Дојран, но и придонеле за економските ефекти, што на некој начин значи и заживување на нашата локална економија“, изјави градоначалникот на Дојран, Борче Стамов.
Сместувањето во дојранските хотели ќе почне најверојатно во почетокот на наредниот месец. Дојран е подготвен, а во околината инженериските единици на македонската армија подигнаа нови огради долж границата. Во меѓувреме, на граничниот пункт кај транзитно прифатниот центар, состојбата варира од час во час.
Грчките власти ги повлекуваат, па одново ги пропуштаат бегалците, организирано со автобуси. Последните информации говорат за 5.000 бегалци кои се истовариле синоќа во грчкото пристаниште Пиреја, од нив 1.500 веќе се упатиле кон Македонија, која пропушта само сириски и ирачки државјани, со идентификациски лист и релевантна патна исправа.
Зоран Богатинов
