Затегната изборна трка во САД

24.02.2016 10:23

Доналд Трамп, Марко Рубио и Тед Круз се најсериозните кандидати за претседател на Републиканската партија. По откажувањето од изборната трка на Џеб Буш, гласачите треба да се концентрираат на овие тројца кандидати. Кај демократите, Хилари Клинтон води пред Берни Сендерс, но извојува тесни победи на прелиминарните избори.

Водечкиот кандидат на републиканската партија Доналд Трамп има најмногу, 68 делегати за номинација за претседателски кандидат. На прелиминарните избори во Невада очекува нова значајна победа.

„Јас ќе бидам многу добар за многу работи особено за трговијата.Знаете кога за првпат ја објавив номинацијата, не знаев дека е потребна голема храброст да се кандидираш за претседател“, изјави Доналд Трамп, републикански кандидат за претседател.

Противкандидатите на Доналд Трамп, сенаторите Марко Рубио и Тед Круз, ги засилија кампањите во последен обид пред прелиминарните избори во Невада, да ја намалат неговата поддршка кај републиканските гласачи.

„Мораме да победиме во повеќе од една држава. Досега тоа беше многу тешко бидејќи имаше многу луѓе во тркава. Го имате Доналд Трамп којшто на национално ниво има околу 30 проценти, но 70 проценти од избирачите не го поддржуваат. Но тие се поделени меѓу 5 или 7 кандидати“, вели Марко Рубио, републикански кандидат за претседател.

„Јас сум единствен која ја води борбата против амнестија на илегалците. Ќе ја обезбедиме границата и ќе ги заштитиме работните места на Американците“, вели Тед Круз, републикански кандидат за претседател.

Кај демократската партија, Хилари Клинтон го обвини противкандидатот сенаторот Берни Сендерс дека е кандидат за само една цел, додека од штабот на Сендерс обвинија за нерегуларности при регистрацијата на гласачите на Клинтон во Невада. Демократите ќе излезат на прелиминарните избори во Јужна Каролина.

„Никој не може да ги подобри работите сам, ниту американскиот претседател. Тоа мора да биде мисија на целата наша нација. Никогаш не сум верувала во поделба на Америка на наши и нивни. Ние сите сме заедно во ова и мораме да ја сработиме нашата работа“, изјави Хилари Клинтон, демократски кандидат за претседател.

„Во еден од последните национални анкети, ние сме над Хилари Клинтон. Во држава по држава нејзиниот рејтинг се намалува. Затоа што мислам дека луѓето одговараат на нашата порака за лошата економија и малите плати на работните луѓе во однос на еден процент богати Американци, корумпиран финансиски изборен систем“, рече Берни Сендерс, демократски кандидат за претседател.

Републиканецот Доналд Трамп предвидува дека на претседателските избори во ноември ќе се бори за место во Белата куќа со демократскиот кандидат Хилари Клинтон.

На 1 март, на таканаречениот супер вторник, ќе се гласа на прелиминарни избори во 15-ина сојузни држави, по што ќе биде појасно кои кандидати за претседател ќе останат во изборната трка.

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ