Кредибилни избори на 5-ти јуни

24.02.2016 12:54

Фер и слободни избори се значајни за европската иднина на Македонија, став на лидерот на СДСМ, Заев по договорот за пролонгирање на изборите за 40 дена. Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Груевски, 5-ти јуни ќе биде референдумско гласање за неговата партија која како што вели најенергично и најодоговорно се бори за сите граѓани. Американскиот амбасадор Бејли очекува целосна посветеност од сите политички субјекти...

Во Македонија мора да има и ќе има слободни, фер и демократски избори, изјави лидерот на СДСМ, Заев. Смета дека мора да се избере нова влада, со полн легитимитет, за решавање на, како што рече, сериозните проблеми и враќање на Македонија на европскиот пат. Заев повтори дека изборите треба да бидат со пречистен избирачки список и реформи во медиумската сфера.

„Со кршење на Договорот од Пржино, одбивање на реформите за слободни медиуми и пречистувањето на Избирачкиот список, ВМРО-ДПМНЕ се обидоа да ја втурнат Македонија во драматична криза. Ништо повеќе не зависи од Никола Груевски“, изајви претседателот на СДСМ, Зоран Заев.

Иако се исполнети условите за избори на 24-ти април, направивме компромис за избори на 5-ти јуни поради вербата во народот и на силата што тој ни ја дава, а не за да се задоволи СДСМ или да бидеме злоупотребени од оние што не и сакаат добро на Македонија, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Груевски. Државата, потенцира Груевски, не може да биде заложник на една партија, а легитимитетот се добива на избори.

„Го слушнав предмалку Заев како вели дека ништо веќе не зависи од Никола Груевски. Со тоа самиот призна дека се создадени сите услови за да се оди на 5-ти јуни на избори. Затоа, Заев, ајде собери храброст и соочи се со народот наместо да се обиколуваш со луѓе кои ти аплаудират за себе и се пресреќни што само за еден месец се пролонгирале изборите и големиот пораз што ве чека. Излегле или не на избори, ќе видат што е референдумско гласање за ВМРО-ДПМНЕ и за коалицијата За подобра Македонија како политичка гарнитура која најенергично и најодоговорно се бори за македонскиот народ и за сите граѓани на Република Македонија“, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

Со почитување на правилата и со напорна работа, изборите на 5-ти јуни може да бидат кредибилни, оцени американскиот амбасадор Бејли, по договорот на партиите.

„Ако сите работат напорно и ако сите играат според правилата, ние веруваме дека овие избори ќе бидат фер и кредибилни и ќе ја извлечат земјата од оваа политичка криза“, изјави абасадорот на САД во Република Македонија, Џес Бејли.

Во разговорите со 4-те политички партии за изнаоѓање компромисно решение беа вклучени и тројцата европратеници Вајгл, Кукан и Ховит.

Милчо Велески