Надградба на куќите без промена на ДУП

24.02.2016 14:16

Министерството за транспорт и врски направи измени во Законот за градење со кои се олеснува постапката за градење. Со новата мерка се овозможува надградба на куќата во висина од 10 метри и 20 сантиметри, или постоечкото приземје да се надгради за уште два ката и поткровје.

Куќите ќе можат да се надградат без разлика дали е тоа предвидено со детален урбанистички план. Поминаа измените кои ги направи Министерството за транспорт. Со нив се овозможува, постоечките или куќите што се легализирани, да можат да се надградат до висина до 10 метри и 20 сантиметри.

„Оваа мерка се однесува за куќи што се веќе изградени со одобрение за градење или се легализирани со Законoт за легализација на бесправно изградените објекти. Во однос на виситната и катноста, максималната висина што може да ја подигне објектот изнесува 10 метри и 20 сантиметри, а тоа подразбира приземје, два ката плус поткровје, што одговара на условите предвидени во правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање“, изјави министерот за транспорт и врски, Владо Мисајловски.

Од Министерството за транспорт и врски велат дека законската измена предвидува општините по сила на закон да даваат одобрение за градба и дозвола да се надгради објектот, без разлика дали е тоа предвидено со ДУП-от.

За надградбите можат да се користат поволностите на проектот „Купи куќа за млади“, да се користат и бесплатните проекти.

 

Дијана Ценевска