Попоски во Виена: Македонија стравува од повратниот проток на бегалците
„Македонија стравува од повратниот проток на бегалците“ - порача министерот Попоски. Австрискиот шеф на дипломатијата вели – наместо да го намали бројот на луѓе, Грција сака да ги донесе што побрзо во Европа. Во Виена конференција за помош на земјите од Балканската рута...

Јужната македонска граница станува клучна во запирањето на незаконската имиграција. Во Виена, Австрија најави испраќање на уште една полициска единица на границата со Грција. Министерката за внатрешни Микл-Лајтнер им порача и на другите земји од балканската рута да преземат рестриктивни мерки според австрискиот модел. Шефот на австриската дипломатија Курц изјави дека не може веќе да се толерира нефункционалноста на Грција.
„Ни недостига политичка волја за да се намали напливот на бегалците. На посебниот состанок со земјите по должината на рутата, на кој беше и Грција, добив впечаток дека Грција не е подготвена за намалување, напротив сака да ги донесе бегалците што побрзо во Европа. Ние имаме опсадна состојба и затоа не можеме повеќе да ја поддржуваме нивната политика“, изјави министерот за надворешни работи на Австрија, Себастијан Курц.
Во прашање е опстанокот на Европската унија и затоа мораме да изнајдеме веднаш европско решение, порачаа австриските министри.
Безбедносниот аспект и инфилтрацијата на борците на Исламска држава меѓу бегалците, исто така биле дел од разговорите во Виена. За таа цел, профилирањето на мигрантите е предуслов за решението, и затоа треба да ѝ се помогне на Македонија, оценија министрите за внатрешни на Србија и Хрватска.
„На македонско- грчката граница се воспоставени одредени постапки, тоа е сега портата на Европа во овој момент. Таму функционира процесот на профилирање, што треба веднаш да стане принцип на заедништвото“, изјави министерот за внатрешни на Хрватска, Влахо Орепиќ.
„Овој систем за кој сите се залагаме во Македонија и во кој треба сите да учествуваме, мора да биде таков да даде резултати, профилирањето и обработката на тие луѓе да се направи на најхуман начин и за тоа треба и се помогне на Македонија. На следната конференција веќе в петок ќе ги повикаме и Унгарија и Грција“, рече министерот за внатрешни работи на Србија, Стефановиќ.
Предизвиците ја развиваат соработката, овојпат функционира според според скандинавскиот модел, беше оценката на македонскиот шеф на дипломатијата Попоски. Најдобро би било да се решава кризата во Грција или Турција, но и Македонија да биде вклучена во европската база за отпечатоци на прсти.
„Нашето стравување е дека во ваков тип на проблеми обично алката се кине на најслабата карика, во случајов оние кои се надвор од ЕУ. Таму може да се прекршат одлуките. Многу ја цениме помошта од Австрија од сите земји присутни тука, кои се засегнати од рутата. Одлучни сме да продолжиме со мерките и охрабрени сме од фактот што повеќе земји- членки денеска потврдија дека сакаат да ни помогнат во таа насока. Една од работите која може да ни помогне е поврзување на Еуродаг системот, бидејќи на тој начин би се олеснила целата процедура“, изјави министерот за надворешни работи, Никола Попоски.
Од грчката страна на јужната македонска граница околу пет илјади мигранти се во очекување да влезат во земјава. Состојбата е пред можна ескалација, предупреди на конференцијата во Виена македонскиот шеф на дипломатијата Попоски, поради повратниот проток на бегалците, веќе 700 од нив се вратени во транзитниот центар во Табановце, а не е појден ниту возот од Гевгелија со 600 бегалци.
Зоран Богатинов
