Продолжува судскиот процес за „Дива населба“

25.02.2016 10:27

На претходното рочиште сведочеа петмина, од кои четворица полицајци, кои биле нападнати во полициската станица Гошинце, пред настаните во Куманово, и еден очевидец од населбата.

Во скопскиот Кривичен суд денеска продолжува судскиот процес против 29 лица обвинети за настаните во кумановската „Дива населба“, кои се случија во мај минатата година. На денешното судење се сослушуваат сведоците за терористичките активности.

На претходното рочиште сведочеа петмина, од кои четворица полицајци, кои биле нападнати во полициската станица Гошинце, пред настаните во Куманово, и еден очевидец од населбата. Полицајците за време на сослушувањето, изјавиле дека биле нападнати од две групи, кои ги претепале и им го одземале оружјето. Групата, како што рекоа, одзела оружје од магацинот на полицискиот пункт, како и телефоните и униформите.

Обвинетите се товарат за тероризам и учество во терористичка организација. На почетокот на судскиот процес обвинетите се изјаснија дека се невини и одбраната побара случајот да биде преземен од Специјалното јавно обвинителство. Судијата одговори дека предметот ќе биде предаден на ова обвинителство доколку оттаму пристигне такво барање до судот.

Обвинителството тврди дека нападот во Дива населба бил добро организиран, а обвинетите настапиле со директна умисла.