Светска Банка: Македонија меѓу државите со високо ниво на користење на дигитална технологија

25.02.2016 10:46

Македонија спаѓа во земјите во кои над 60 насто од вработените користат интернет. Користењето на оваа дигитална алатка придонесува за побрз развој, пишува во најновиот извештај на Светска Банка за дигитализацијата. Интересен факт е дека и во сиромашните земји жителите, пред сѐ, се одлучуваат да купат мобилен телефон од последната генерација...

Дигиталната технологија брзо се прошири во светот, но користа од истата не е рамномерно распоредена. Достапноста до интернет и мобилни телефони е секојдневие во развиените држави, додека во многу делови од светот нема пристап кон овие модерни технологии. Државите треба да работат на развој на дигитализацијата, нејзините прописи и обука на вработените за користење на новите технологии. Според извештајот на Светска Банка, Македонија спаѓа во државите со големо користење на дигиталната технологија. Во 2011-та во Македонија 60 проценти од вработените користеле компјутери на работното место.

„Мобилните телефони се проширија многу побрзо од било која технологија претходно. Седум од десетмина луѓе од 20-те проценти од најсиромашното население во светот имаат мобилен телефон. Речиси 40 проценти од светската популација е на интернет“, изјави Дипак Мишра- потпретседател на Светска Банка.

Светска Банка оценува дека за достапност до дигиталната технологија насекаде во светот може да се дојде само ако земјите во развој вложуваат во оваа област. Тоа ќе ја подобри конкурентноста на бизнисите, заработувачката на работниците и достапноста до државните институции.

Според Светска Банка, државите кои вложуваат во дигиталната технологија имаат поголем економски раст.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ