Јолевски: Армијата ќе биде ангажирана ја јужната граница додека има потреба за тоа

25.02.2016 12:41

Армијата ќе биде ангажирана на јужната граница сѐ додека има потреба за тоа. Евентуалното зголемување на бројот ќе зависи од тоа колку бегалци влегуваат во земјава. Македонија и Босна и Херцеговина активно соработуваат во делот на безбедноста. Најважно е да се превенира за да се избегнат евентуални терористички закани,став на босанската министерка за одбрана пендеш.

Армијата останува на јужната граница се додека има потреба за тоа. Во зависност од проценките на теренот и бројот на бегалците, не се исклучува можноста и за зголемување на бројот на војниците и старешините, вели министерот за одбрана Јолевски. Потенцира дека АРМ на теренот само и асистира на полицијата која е одговорна за безбедноста на границите. Како што е познато, рече Јолевски, во сила е одлуката за кризна состојба на дел од јужната граница. Она што е повеќе од неопходно е помошта од Европската унија во материјално-технички средства.

„Во овој момент на нашата јужна граница имаме околу 200 војници, а во зависност од потребите тој број може да се зголеми, но предвидено е да се ангажираат до 1000 војници доколку има потреба“, изјави министерот за одбрана Зоран Јолевски.

Македонија и Босна и Херцеговина активно соработуваат преку размена на безбедносни информации во превенирањето на заканите од тероризмот и од ИСИЛ. Како што вели босанската министерка за одбрана Пендеш, клучно е да се занимаваме со причините. Иако Босна и Херцеговина не е дирекно засегната со бегалската криза,  неопходна е меѓусебната помош. За стабилен регион, поребно е и евроатлантско интегрирање на земјите од Западен Балкан.

„Што се однесува до борбата против тероризмот, може да размениме одредени искуства и тоа ни е заедничка цел. Тероризмот не е врзан за држава, ниту за регион. Тој е глобален светски проблем. Битно е да се занимаваме со причините, а не со последиците и крајно време е да си помагаме и во однос на бегалската криза“, изјави Марина Пендеш, министер за одбрана на Босна и Херцеговина.

Соработката меѓу двете држави во одбранбениот сектор е одлична, заклучија двајцата министри. Посебен акцент е ставен на военото образование. Неколку години наназад, босански питомци се школуваат на Воената академија во Скопје. Таква можност дава и регионалниот центар за обука на пилоти. 

Милчо Велески