Изгласани измените во изборниот законик
23.01.2014 15:28
По час и половина расправа во Собранието изгласани се измените во изборниот законик...

По час и половина расправа во Собранието изгласани се измените во изборниот законик. Само 11 пратеници беа против тоа што претходно го договорија владеачките ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ и опозициската СДСМ. Се зголемува транспарентноста во изборниот процес е констатација на пратениците.
-Ова е прв чекор кој може да гарантира фер изборен процес, меѓутоа, од искуство знаеме дека и најдобриот законик не може да гарантира фер и демократски избори, ако нема политичка волја од оние кои учествуваат во изборниот процес – рече Џветанка иванова од СДСМ
-Донесувањето на овие измени се чекор напред без разлика што Македонија и во минатото имаше позитивни мислења околу организирањето на изборите, рече Александар Спасеновски од ВМРО- ДПМНЕ.
-Политичките партии во македонија покажаа политичка зрелост и знаат да процени како се водат процесите напред – изјави Ермира Мехмети од Дуи.
Контра измените беа пратениците на ДПА кои тврдат дека не се гарантираат фер избори.
-ДУИ додека траеа средбите имаше само една улога- на записиничар- рече Беким Фазлиу.
Министерот за правда Беџети убеден е дека измените се коректни за сите. Тој ја нагласува поделбата на државата од политичките партии.
-Македонија и досега добивала пофалби за добро спроведени избори.Направивме прифатливи стандарди за сите – рече министерот Беџети.
Измени претрпе и Кривичниот Законик каде на функционерите им се заканува затвор ако во време на кампања започнат со отворање на тендери или отпочнат со градежни зафати. Дополнително, кога ќе дојде време за парламентарни избори партиите ќе бараат решение за гласање на дијаспората.
Миле А. Ристески
