Ќе се реновира базенот за хидротерапија во ГОБ „8-ми Септември“

25.02.2016 16:26

По повеќе од една деценија, базенот за хидротерапија во Градската општа болница „8-ми Септември“ ќе биде повторно во функција.

По повеќе од една деценија, базенот за хидротерапија во градската општа болница „8-ми Септември“  ќе биде  повторно во функција. Ќе се обновува делот и за физикална медицина. Реконструкцијата ќе заврши најмногу за четири месеци. 200-те пациенти месечно наместо да се упатуваат на банско лекување ќе добијат  третман во оваа болница.

„Ова е особено значајно за пациентите кои веќе се третирани во оваа болница. Особено оние кои се оперирани на ортопедија, трауматологија. Комплетно ќе бидат реконструирани трите базени, еден голем и два помали, како и делот за хидротерапија. Исто така, ќе бидат направени и две фински сауни и една парна бања“, изјави министерот за здравство Никола Тодоров.

Инвестицијата чини 400 илјади евра. Директорот на болницата Стојчев, се надева дека за викендите пациентите ќе може и приватно да ги користат услугите, а дел и  рекреативно, се со цел да се подобри буџетот на болницата.

„Ќе има две фински сауни, парна бања и хидромасажи во повеќе соби. Се прави комплетна реконструкција на сите тоалети, сите гардероби, комплетна климатизација. Климатизацијата беше во дефект повеќе години, поради зголеменото испарување на водата не можеше да се стави во функција ова одделение“, изјави д-р Сашо Стојчев- директор на ГОБ.   

Според директорот Стојчев, последните години е  зголемен бројот на пациентите кои добиваат здравствени услуги во болницата. Годишно се извршуваат 220 илјади амбулантски прегледи, се хоспитализираат 14 илјади пациенти, а се прават близу до 7 илјади операции. 

 

Андријана Атанасовска