Бегалска криза: Се бара решение за Авганистанците во Табановце
Над 100 Авганистанци побарале да се вратат дома откако веќе седум дена се заглавени во транзитниот центар Табановце. Нема инциденти. Надлежните велат дека бегалците ја добиваат потребната помош. Нивното најчесто прашање е - зошто Европа им ги затвора вратите...

Ситуацијата во транзитниот центар Табановце е стабилна, тврди раководителот Горан Стојановски. Иако веќе 7 дена над 600 Авганистанци се заглавени во кампот, нема инциденти. Некои веќе побарале да се вратат дома. На бегалците им се дава потребната помош.
„Во овој момент имамел околу 130 луѓе кои се заинтересирани да се вратат назад во матичните земји. Или во текот на денот, или утре, како ќе договориме со МЖ Транспорт, ќе им обезбедиме превоз до Гевгелија за да се вратат назад. Тоа е нивно барање и мора да го почитуваме“, изјави Горан Стојановски, раководител на кампот.
Црвениот крст во една смена има и по 70 интервенции.
„Најмногу бараат помош за проблеми со респираторниот систем, имаат исто и стомачни тегоби, а исто така најмногу бараат помош и за општа болка во телото“, вели д-р Абдулсалам Сабоух, Црвен крст.
Покрај можноста за телефонски контакти со најблиските, бегалците во транзитниот центар имаат услови и за спортување. Сепак,нивното најчесто прашање е зошто Европа им ги затвора вратите?
„Не знам зошто Авганистанците не се пуштаат во европските земји. На Сиријците и на Ирачаните им е дозволено да минат низ Србија до Австрија и Германија, не знам зошто тоа не е случај и со жителите на Авганистан. Во Србија има состанок денес, не знам што ќе решат за нас. Сакам да одам во Германија, таму е мојата жена“, вели Шефи Амиед од Авганистан.
„Не дојдовме овде да спиеме и да јадеме, сакаме и мораме да го продолжиме патот. Имаме документи, но не знам зошто Авганистаниците не можат да ја минат границата“, вели неговиот сограѓанин Џевад.
„Ние не се жалиме на третманот во ова место, се жалиме за нашата ситуација, бидејќи не е јасно што ќе се случува со нас“, додава Роми.
Земјите од балканската рута бараат решение за проблемот со Авганистанците.
На јужната граница ќе влегуваат онолку бегалци колку што ќе излезат на северната граница, заклучок на Кризниот штаб. За бегалската криза во Солун разговарале директорите на македонската и на грчката полиција, Горанчо Савовски и Константинос Сувалас. Размениле информации, но и за тоа како да се подобри соработката.
„Утврдивме контакт точки преку кои би одела размената на информации на дневно ниво. Констатиравме заеднички дека таа размена на информации е од исклучителна важност, затоа што само на тој начин можеме да ги избегнеме тензичните ситуации“, изјави за МТВ Горанчо Савовски, директор на БЈБ.
Ова е прв состанок меѓу двајцата полициски директори, согласно со европските директиви- борба против криумчарење мигранти и заеднички истражни тимови. Поголема контрола и унифицирано полициско работење од Грција до Австрија, заклучок на двајцата директори.
Наташа Гркова- Петрушевска
