Ајсексон: На Македонија ѝ е наметнат голем товар со бегалската криза, иако не е членка на ЕУ

26.02.2016 10:26

На Македонија и е наметнат голем товар со бегалската криза иако не е земја членка на Европската Унија, оцени директорот за политики на Американскиот Еврејски Комитет, Џејсон Ајсексон на трибина посветена на кризата со мигрантите во амбасадата на Република Македонија во Вашингтон.

Македонија прави големи напори за справување со најголемата бегалска криза во 21-от век, но ниту една држава не може сама да се бори со бранот мигранти во Европа. Досега низ македонска територија поминале над 800 илјади бегалци, но освен неколку европски држави, Македонија е оставена да биде првиот бедем на Европа за регистрација и идентификација на мигрантите. Ако Австрија ја затвори границата тоа ќе треба да го направат и сите земји на Балканот, вклучувајќи ја и Македонија. Ова беа некои од мислењата искажани на трибината во македонската амбасада во Вашингтон посветена на Балканот и актуелната криза со мигрантите, во организација на Обединетата Македонска Дијаспора и Американскиот Еврејски Комитет.

„Она што треба да се направи е да се нападне изворот на проблемот, а не само неговите резултати. Проблемот е во настаните во Сирија. Нема бегалци само од Сирија. Тие доаѓаат и од Авганистан, Ирак, Африка, Сомалија, Тунис, Мароко и од други места, и бараат подобар живот во Европа или бегаат од социјална и политичка деградација. Во некои случаи овие луѓе имаат право на статус на бегалци бидејќи бегаат од војна. Во други случаи, бараат можности за престој, затоа потребно е да се применат правила, границите да се заштитат и цивилизацијата, истовремено со помагање на луѓето на коишто им е потребна хуманитарна помош. Но, ова е голем товар што е наметнат врз Македонија и на други земји во Југоисточна Европа“, изјави Џејсон Ајсексон, извршен директор за политика на Американскиот Еврејски Комитет.

Македонија е добар и голем сојузник на Соединетите Американски Држави и затоа треба да и се помогне да го добие заслуженото место во Европската Унија, оцени директорот за политики на Американскиот Еврејски Комитет.

„Македонија е пријател на Соединетите Американски Држави. Тоа е држава што се надеваме што побрзо ќе се најде во Европската Унија, кадешто припаѓа. Мислам дека на многу начини, со кризата со која се соочува Македонија во моментов, на својата граница со Грција и соработката со нејзините европски соседи, е демонстрација за потребата од  поблиска соработка меѓу Македонија и земјите членки на ЕУ. Искрено, ова е силен аргумент за целосната интеграцијата на Македонија во Европската Унија и за нејзин прием. Се надевам дека фокусот што кризата го фрла врз Грција и на Унијата, ќе биде повод за разрешување на причината што спречува целосна интеграција на Македонија во ЕУ“, вели Ајсексон.

Претставниците на влијателната еврејска заедница во САД констатираа дека Македонија има одлични односи и со Израел и дека Македонија треба да биде модел за европските држави како се интегрираат разни етнички групи на мирољубив начин, нешто што на Европа особено и е потребно по приемот на повеќе од милион бегалци.

Американскиот Еврејски Комитет и Обединетата Македонска Дијаспора соработуваат повеќе од 10 години.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ