Зголемени мерки за безбедност во Приштина, се избира нов претседател

26.02.2016 12:57

Во косовскиот Парламент седница за избор на претседател. Во трка се актуелниот вицепремиер Хашим Тачи и неговиот сопартиец Рафет Рама. Косовските Срби го условија изборот, со почитување на договорите во Брисел, меѓу Белград и Приштина...

Со зголемени мерки за безбедност и во напната атмосфера во косовскиот Парламент се избира новиот претседател, петти по ред.

Во трка се лидерот на Демократската партија и актуелен вицепремиер, Хашим Тачи и сопартиецот Рафет Рама. За да биде избран еден од кандидатите треба да добие поддршка од најмалку две третини од пратениците, или 80 од 120-те членови на парламентот.

Рама е само формален кандидат за да се испочитува законската процедура, додека Тачи е кандидат според коалицискиот договор. Краен рок за избор е 7-ми март, во спротивно ќе мора да се распишат парламентарни избори.

Покрај опозицијата која радикално се спротивставува на изборот на Тачи и косовските Срби го условија изборот на нов претседател. Според нив, доколку не бидат прифатени петте барања постигнати во Брисел, пратениците на српската листа нема да излезат на гласање. Косовските медиуми јавуваат дека тие решиле да присуствуваат на седницата, но набрзо ја напуштиле.

Во меѓувреме пред Парламентот неколку стотици граѓани излегоа на протести. Опозицијата ги повика сите граѓани на Косово кои се против политиката на актуелната власт и против узурпацијата на државата да излезат на протести.

 

Марија Петковска