Украина
Киев помирен од вчера
23.01.2014 15:51
Во Киев изутрината дошло до неколку помали судири меѓу полицијата и демонстрантите, но состојбата е помирна во однос на вчерашниот ден. Лидерот на украинската опозиција и поранешен боксерски шампион, Виталиј Кличко побара од демонстрантите да се придржуваат до осумчасовниот прекин на судирите со безбедносните сили, пред разговорите со претседателот Јанукович.

„Ние сакаме да воведеме мир, да нема веќе конфронтации. Тоа е многу важно. Замолувам секого од вас да оди и да разговара со полицајците што стојат спроти нас. Бидете мирни додека не завршат преговорите. До 20 часот ќе се вратам и ќе ве информирам за резултатите“, вели Виталиј Кличко, лидер на опозициска партија Удар.
Центарот на украинската престолнина е обвиткан со црн чад бидејќи демонстрантите постојано палат гуми. Полицијата се обидува да ги гасне пожарите, но демонстрантите фрлаат со камења по нив и тропаат на импровизирани тапани.
„Немаме време за чекање. Денеска сме целосно мобилизирани и верувам дека нешто ќе се случи“, вели еден демонстрант.
Демонстрантите бараат од Јанукович да ја распушти Владата, да распише предвремени избори и да го укине ригорозниот закон против протести. Украинската полиција вчера тргна да ги растура барикадите на демонстрантите, а во насилните судири, според извештаите од полицијата, настрадале петмина. Официјална Москва рече дека нема да се меша во ситуацијата во Украина.
Марина Автовска