Бегалска криза: Дополнителен број полицајци на јужната македонска граница
Министрите за внатрешни работи на Македонија и на Чешка, Спасовски и Хованец, во посета на транзитниот прифатен центар во Гевгелија. Чешките полицајци се дел од контингентот полициски службеници од неколку европски држави, кои заедно со македонските колеги вршат засилен надзор на граничната линија кон Грција. Чешка планира испраќање дополнителен број полицајци на јужната македонска граница, најави минисерот Хованец...

Република Чешка и земјите од Вишеградската група на јужната македонска граница ќе испратат дополнителен број полицајци. Заедно со македонските колеги ќе соработуваат во справувањето со напливот на бегалците кои се очекуваат во периодот што следува.
Брисел очекува намалување на притисокот и решавање на проблемот на 7-ми март, за кога се закажани разговори во Турција. Чешкиот министер за внатрешни работи вели дека се свесни за мигрантскиот притисок кој допрва ќе се засилува, но и дека се подготвени да го преземат својот дел од одговорноста. Имаме и план Б, вели Хованец.
„Тоа е договор за помош на Македонија, Бугарија и Србија и останатите земји на оваа транзитна рута. За нас е основно да се одделат економските мигранти од останатите бегалци и да им се укаже на економските мигранти дека единствен пристап до ЕУ ќе имаат преку дипломатско-конзуларните претставништва во нивните земји. Ако тоа не успее, совладувањето на мигрантскиот тек ќе биде речиси невозможно“, изјави Милан Хованец, министер за внатрешни работи на Република Чешка.
Бегалската криза добива на интензитет, очекуваме мудра и соодветна одлука на земјите- членки на Унијата. Координацијата и соработката со полициите долж балканската рута мора да се интензивираат, вели министерот Спасовски. Македонија ги почитува одлуките за ублажување на кризата.
„Должни сме како земја да обезбедиме хуман третман на луѓето кои што бараат заштита од нас и транзит, но исто така мора да обезбедиме стабилност и безбедност на граѓаните на Република Македонија и од тоа начело нема да отстапиме во ниту еден момент. Македонија направи многу за решавање на бегалската криза“, изјави Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи.
Во изминатото деноноќие издадени се 128 потврди на Сиријци и на 42-ца Ирачани. Нема издадено потврди на државјани на Авганистан. Мешаните полициски тимови успешно се справуваат со предизвикот долж граничната линија. Чешките специјалци, покрај присутноста на нашата територија се распоредени и во Унгарија, Словенија, Грција и во Италија. Контролата и унифицираното полициско работење се неопходни долж целата Балканска рута, заклучија двајцата министри.
Наташа Гркова- Петрушевска
