Македонија гради имиџ на препознатлива туристичка дестинација
Изготвена е Национална стратегија која во наредните пет години треба да го зголеми бројот на посетители. Австрискиот експерт за туризам, Кристофер Хинтергер вели дека Македонија има позитивен тренд во оваа област, но надлежните мора да продолжат со финсирање во туризмот како и во развој на човечките ресурси.

Странскиот турист треба да се привлече за повторно да дојде. Тоа е добитната карта. Изготвена е Национална стратегија која во наредните пет години треба да го зголеми бројот на посетители. Австрискиот експерт за туризам, Кристофер Хинтергер вели дека Македонија има позитивен тренд во оваа област, но надлежните мора да продолжат со финсирање во туризмот како и во развој на човечките ресурси.
„За развој на туризмот важно е и јавниот и приватниот сектор да си ги одработат своите задачи, владата треба да финансира и инвестира во развојот на туризмот, и секако потребно е да се воспостави организациска структура која ќе ги менаџира туристичките активности“, изјави Кристофер Хинтергер, експерт за туризам.
Македонија има што да понуди, но треба да се направи збогатување на туристичките понуди.
„Треба стратегија, не треба само да има хотел, ресторани... треба да се анализира целиот пазар. Треба да се понудат реални цени и издржливи, тоа што се нуди да се задржи“, вели универзитетската професорка Оливера Гапиќ.
Туристите сакаат интензивни пакет- аранжмани, при едно патување да посетат повеќе места, а тоа е можно само со соработка на соседните земји, велат од Асоцијацијата на балкански алтернативен туризам. Во изминатите неколку години преку балкaнските тури голем број странци ја посетиле земјава.
„Тоа е резултат и последица на поинтензивното планирање на Македонија на меѓународниот пазар и повеќе мерки кои се презмени за афирмација на Македонија како туристичка дестинација“, изјави Владо Србиновски, Асоцијација на балкански алтернативен туризам.
Во мај, во Охрид ќе се одржи Самитот за туризам кој ќе привлече повеќе од 300 учесници, светски туроператори, телевизиски и фоторепоретерски екипи.
Наташа Јанчиќ
