Испитувањето за влијанието на лековите врз пациентите отсега на државна сметка
Околу 600 пациенти годишно, болни од рак, од свој џеб ги плаќале испитувањата, за да се утврди дали и како влијае терапијата. Фондот за здравство и Фармацевскиот факултет склучија договор- отсега испитувањата ќе бидат на државна сметка...

Годишно околу 600-тини пациенти болни од рак, од свој џеб ги плаќале испитувањата со кои се утврдува дали и како влијае терапијата што ја примаат. Отсега, овие испитувања се на државна сметка. Фондот за здравство и Фармацевтскиот факултет склучија договор. Во оваа лабораторија ќе можат да се прават уште 30 други испитувања. Сите се предвидени во протоколите на медицина базирана на докази.
„Согласно со тие протоколи треба да се прават овие испитувања за да се утврди дали и како терапијата реагира кај конкретен пациент на персонално ниво, со што ќе се подобри третманот и лекувањето на пациентите“, изјави министерот за здравство, Никола Тодоров.
„Најголем дел од испитувањата ќе одат преку клиниките. Ние ќе ги вршиме анализите, а резултатите ќе ги испраќаме до Клиниките за онкологија, хематологија- значи клиниките што третираат пациенти со малигни заболувања“, вели проф. д-р Александар Димовски- Фармацевтски факултет.
Досега за овие испитувања пациентите плаќаа повеќе од 10 илјади денари, сега ќе ја плаќаат само партиципацијата - велат од Фондот.
„Ако цената на услугата е 10 илјади денари, значително помала ќе биде сумата за партиципација, околу илјада денари. Овие услуги ќе станат достапни за повеќе од 600 пациенти во текот на годината“, изјави директорот на ФЗОМ, Сашо Стефановски.
Ова е прв договор меѓу Фондот за здравство и Фармацевтскиот факултет. Велат, соработката ќе продолжи- целта е да се воведат испитувања кои не се прават кај нас.
Андријана Атанасовска
