Одбележани 12 години од трагичната смрт на претседателот Трајковски
И 12 години по несреќата, и по два извештаја за утврдување на причините, останува сомнежот за вистината за загинувањето на претседателот Трајковски. Обвинителството го остава случајот отворен...

И по извештајот на Кулиќ за авионската несреќа во која животот го загубија претседателот Борис Трајковски и неговите соработници, Јавното обвинителство не најде нови околности кои би довеле до донесување поинаква одлука од претходно донесената резолуција. Според обвинителството, тоа произлегло од досега утврдените факти во предметот, како и од поднесениот извештај од меѓународната комисија и од други во меѓувреме добиени и прибавени материјали, во досегашната компарација со претходните извештаи и докази.
Роднините на загинатите се сомневаат во веродостојноста на извештаите на меѓународните комисии. Дванаесетгодишнината од смртта на Трајковски и сопатниците беше одбележана на градските гробишта во Бутел и пред платото на истоимениот Спортски центар. Цвеќе беше положено и на спомен обележјето во Ротимље во Босна и Херцеговина.
Од падот на кингерот во 2004 беа извршени две истраги, направени два извештаи од две комисии предводени од Салко Бегиќ и Омер Кулиќ, а во кои учествуваа македонски експерти.
Иако се разликуваат, во двата извештаји пилотска грешка и други индиректни институционални системски пропусти се наведуваат како причини за падот на владиниот авион. Во првиот извештај како директна причина за несреќата се наведени процедурални грешки во приодот на слетување по висина и по место.
Во извештајот на Кулиќ, пак, стои дека седум постапки во текот на летот и пет системски грешки на институциите во земјава и во Босна и Херцеговина се причините за уривањето на Кингерот.
За македонската страна остана нејасно зошто е пренасочена локацијата каде да се бара авионот кога Кулиќ тврдеше дека контролорот на летање знаел точно каде се урнал.
Фиљана Кока
